Кога сите очекуваа по крајот на минатата сезона Манчестер јунајтед да го отпушти Тен Хаг, клубот реши да му даде поддршка за уште една сезона, но работите не се променија кон подобро, резултатите се полоши и од претходно.
Ерик тен Хаг го собори сопствениот негативен рекорд, Манчестер јунајтед со освоени осум бода во првите седум кола го има најлошиот свој старт во историјата на Премиерлигата.
Столчето на Холанѓанецот повторно се тресе и се чини дека овојпат му нема спас, деновите му се одбројани, се очекува наскоро да дојде судниот час и тој да добие отказ.
Раководството на Манчестер јунајтед вчера имаше долг состанок на кој сепак не се решавала судбината на Тен Хаг, но се очекува тој да биде тема денеска кога состанокот на бордот ќе продолжи.
Во меѓувреме медиумите се расфрлаат со имиња кој би можел да биде наследникот на Ерик тен Хаг.
Руд ван Нистелрој
Најлогично решение е шанса да му се даде на актуелниот помошник на Тен Хаг, Ван Нистелрој. Тој е поранешен играч на Манчестер јунајтед, добро го познава клубот и има амбиција во тренерската кариера. Ван Нистелрој беше прв тренер на ПСВ Ајндховен, минатото лето беше пред ангажман во Барнли, но не можеше да ја одбие понудата на Јунајтед и стана десна рака на Тен Хаг. Холанѓанецот би бил и најекономична опција бидејќи сигурно неговата плата би била помала од онаа на веќе докажаните тренери.
Томас Тухел
Неколку англиски медиуми го споменаа Томас Тухел како прв кандидат на раководството на Манчестер јунајтед за наследник на Тен Хаг. Германецот е слободен тренер откако се раздели со Баерн Минхен. Тухел од времето поминато во Челси добро ја познава Премиерлигата, а важи и за тренер кој знае да освојува трофеи и да менаџира големи тимови. Раководството на Јунајтед во јуни веќе имало средба со Тухел, но тогаш одлуката падна да се задржи Тен Хаг. Оттогаш контактот се одржува, па нема да биде чудно ако тој го преземе кормилото на тимот.
Герет Саутгејт
Поранешниот англиски селектор се поврзуваше со Манчестер јунајтед и додека ја предводеше Англија. Сега тој е слободен тренер, па е еден од посериозните кандидати за наследник на Ерик тен Хаг. Мислењата за Саутгејт се различни, а еден негов ангажман во Манчестер јунајтед ќе биде неговиот најголем тест за тренерските квалитети досега.
Маурицио Сари
Уште еден тренер кој има позитивно искуство во Премиерлигата, исто така во Челси. Маурицио Сари како и Томас Тухел е слободен тренер, а со тоа влегува во опциите за нов стратег на Манчестер јунајтед. Сари не заробеник на италијанската школа на тренери, тој преферира поотворен фудбал, има свој стил на игра кој во Челси беше наречен „Сари Бол“, но мали се шансите дека тој ќе биде изборот на Црвените ѓаволи.
Масимо Алегри
Меѓу имињата кои беа споменати како можни кандидати за тренер на Јунајтед беше и поранешниот стратег на Јуве, Масимо Алегри. Неговото име срамежливо се појави во неколку медиуми, па може да се разгледа како опција. Алегри е пасиониран тренер кој знае како да освојува трофеи, но маана му е стилот на игра кој е тежок за гледање. Во Италија навивачите се навикнати да гледаат дефанзивен фудбал, но во Англија е поинаку. Масимо Алегри важи за еден од најдефанзивните тренери, а тоа го прави неатрактивна опција за Манчестер јунајтед.
Симоне Инзаги и Чаби Алонсо
Овие двајца тренери исто така се поврзуваа со Јунајтед, но нивната ситуација е идентична, па можеме да ги споменеме во ист пасус. Реалноста е дека ниту Инзаги, ниту Алонсо не би ги напуштиле своите клубови среде сезона за да прифатат да бидат тренери на Манчестер јунајтед. Со Интер односно Баер Леверкузен се борат за најголемите титули, па лудо е да се помисли дека некој од нив би бил наследник на Ерик тен Хаг.