Тоа од што
стравуваа во таборот на европскиот првак, се оствари, а за самото тоа потврда
пристигна и од шефот на стручниот штаб на Ливерпул, Јирген Клоп.
Садио Мане ќе
биде вон комбинација за настап на гостувањето кај Вест Хем во заостанатиот меч
од Премиерлигата кој се игра утревечер.
Говорејќи за
време на пресконференцијата во пресрет на мечот, Клоп дополнително посочи и
дека Сенегалецот освен дуелот со Вест Хем, веројатно е дека ќе го пропушти и мечот со Саутемптон
претстојниот викенд, поточно во сабота.
„Садио нема да
биде инволвиран во мечот против Вест Хем, а веројатно нема да биде во
комбинација ниту за дуелот со Саутемптон, потоа би требало да биде подготвен за
настап, идната седмица е веројатно перфектна како период за негово враќање на
терените“ рече Клоп за ситуацијата со Мане, додавајќи е избегнато нешто посериозно во поглед на повредата на мускулот, откако Сенегалецот се повреди во
гостинската победа кај Вулверхемптон (1-2).
Со евентуална
победа на ова гостување, Ливерпул ќе отиде на дури +19 бода во однос на
второпласираниот Манчестер Сити по 24 одиграни кола во Премиерлигата.