Пласманот на „црвените“ во четвртфиналето од Лига купот им создаде многу главоболки. Мечот требаше да се игра на 17. или 18. декември, а токму во тој период, Ливерпул е во Катар каде треба да настапи на Светското клупско првенство.
Згуснатиот распоред не им остави многу простор, па денеска беше соопштено дека на барање на Ливерпул, натпреварот ќе се игра на 17. декември. Тоа значи дека клубот од Енфилд ќе игра два меча во два дена на два различни континенти.
Јирген Клоп сега објасни зошто прифатиле ваков распоред и предложи лудо решение за Лига куп дилемата.
„Ја прашавме Астон Вила дали сака да дојде во Катар и таму да ги одмери силите со нас!“ – вели Германецот со насмевка на лицето.
„Моравме да донесеме одлука и донесовме ваква одлука бидејќи другите алтернативи носеа повеќе проблеми отколку решенија. Ова беше најдобрата опција за нас. Не знам како ќе го изведеме ова, имаме одредена идеја, но прерано е да говориме на оваа тема. Во следните неколку недели ќе решиме што точно ќе направиме, но што и да се случи, ќе игра тим на Ливерпул“ – вели Клоп.
Запрашан дали имало притисок од ФИФА и ЕФЛ, Јирген Клоп вели: „На некој начин имавме! Дали сакате да си имате проблеми со ФИФА? Не. Дали сакате да си имате проблеми со ЕФЛ? Веројатно не. Го почитуваме Лига купот и покрај тоа што многумина сметаат дека не сакаме да бидеме во ова натпреварување. Не ми се допаѓа само тоа што во полуфинале се играат два натпревари. Не го разбирам ова, и не ми се допаѓа што мечевите се во период кога сме прилично зафатени“.
„Што се однесува до Светското клупско првенство, играте само доколку триумфирате во Лигата на шампионите, и тоа не ви се случува пет милиони пати во животот, па морате да ја искористите приликата. Дали турнирот е во добар период од годината? Не. Распоредот прилично е густ, но ќе одиме таму. Ќе се обидеме да играме со силите кои ги имаме на располагање“.