Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, дал зелено светло за емитување на натпревари од англиската Премиер лига во земјата, но со низа строги ограничувања кои ќе ја променат оригиналната содржина.
Според информациите на „Гардијан“, натпреварите нема да бидат прикажувани во живо, туку ќе бидат претходно уредени пред да се пуштат на националната телевизија. Сите снимки во кои се појавуваат јужнокорејски фудбалери, како Ким Џи Су од Брентфорд и Хванг Хи Чан од Вулверхемптон, ќе бидат целосно отстранети.
Дополнително, секој натпревар ќе биде скратен на 60 минути наместо стандардните 90, а сите англиски натписи што се гледаат на трибините или на рекламите ќе бидат заменети со севернокорејска графика. Од емитувањето ќе бидат исечени и сите сцени во кои се појавуваат ЛГБТ симболи.
Со оваа одлука, Северна Кореја првпат дозволува прикажување на натпревари од најпопуларната фудбалска лига во светот, но во форма која строго ќе биде прилагодена на државната цензура.