Хари Кејн повторно е во центарот на вниманието, не само поради одличната форма во дресот на Баерн Минхен, туку и поради неверојатната понуда што ја доби од Саудиска Арабија.
Според информациите на германски „Билд“, поранешниот шампион Ал Хилал е подготвен да го направи Кејн најплатениот фудбалер во историјата на клубот, нудејќи му 100 милиони евра по сезона во следните три години. Весникот потсетува дека англискиот голгетер има клаузула во договорот со Баерн која му овозможува да си замине во 2026 година доколку некој клуб плати 65 милиони евра обештетување.
Долго време се шпекулираше дека Кејн би можел да се врати во Премиер лигата, но челниците на Ал Хилал се решени да го убедат да се пресели во Ријад. Иако понудата е двојно пониска од платата на Кристијано Роналдо во Ал Наср, таа е дури осум пати поголема од сегашната плата на Кејн во Минхен.
За Ал Хилал сумата од 65 милиони евра не претставува никаков проблем, но конечната одлука ќе зависи од самиот фудбалер дали ќе остане во Европа за да се обиде со Баерн да ја освои Лигата на шампионите или ќе го избере финансискиот пат кон Саудиска Арабија.
Кејн игра во феноменална форма од стартот на сезоната и веќе има постигнато 17 гола на само девет натпревари.