Медиумите од „островото“ пренесуваат дека Манчестер Сити најверојатно добил важна правна битка против Премиерлигата, или поточно валидноста на правилата за Трансакции помеѓу поврзани страни.
Овој месец почна процесот во кој Манчестер Сити е обвинет дека дури 115 пати ги прекршил правилата за Финансиски фер плеј и додека сите со нетрпение чекаат да видат како ќе заврши овој спор, медиумите пишуваат за друга важна правна битка.
Во јуни месец, „граѓаните“ ги оспорија правилата за Трансакции помеѓу поврзани страни.
Со овие правила (се донесоа откако Саудиска Арабија го купи Њукасл) се регулираат спонзорските договори помеѓу клубот со компаниите кои имаат поврзаност со клубот. На пример, главниот спонзор на Манчестер Сити, Етихад е тесно поврзан со сопствениците на „граѓаните“.
Па за да не може Манчестер Сити (или било кој друг) да го „пумпа“ овој спонзорски договор, правилата за Трансакции помеѓу поврзани страни се погрижуваат договорите да бидат по фер пазарна цена.
Премиерлигата денеска требаше дополнително да ги промени овие правила, но медиумите пренесуваат дека предлогот бил тргнат во последен миг и се шпекулира дека Манчестер Сити го добил правниот спор, па затоа денеска нема да се дискутираа оваа точка.
Без овие правила, клубовите како Манчестер Сити и Њукасл, кои имаат сопственици со огромно богатство, практично ќе можат да ги „пумпаат“ спонзорските договори како сакаат и потоа да трошат колку сакаат на трансфер суми и плати.