Астон Вила продолжува со одличните настапи во Премиер лигата и запиша голема победа на гостувањето кај Челси со 1-2.
Тимот на Унаи Емери направи целосен пресврт на „Стемфорд Бриџ“ и стигна до осма победа по ред во шампионатот или десетта во сите натпреварувања.
Лондонскиот клуб имаше иницијатива во првиот дел и поведе во 37 минута, кога по корнерот на Рис Џејмс, Жоао Педро се снајде во петерецот и ја затресе мрежата. Челси можеше да ја зголеми предноста, но не ги искористи шансите.
Во второто полувреме следеше сосема поинаква слика. Астон Вила израмни во 63 минута преку Оли Воткинс, кој влезе од клупата и со доза среќа го совлада Санчез. Истиот играч во 84 минута го комплетираше пресвртот со удар со глава по корнерот изведен од Тилеманс.
Челси остана на петтото место со 29 бодови, додека Астон Вила се искачи на третата позиција со 39 поени, само три помалку од лидерот Арсенал.