Избраниците на Игор Ангеловски денеска ќе ја имаат последната контролна средба пред заминувањето за Букурешт, противник е селекцијата на Казахстан.
За разлика од мечот со Словенија, селекторот Ангеловски за денешниот дуел најави променет состав, но не целосно нов. Ќе одмори некои играчи кои смета дека не мора да играат, а ќе им даде шанса на некои други кои можат да се докажат.
Казахстан е солидна селекција, во квалификаците за СП одиграа нерешено во Украина 1-1, па не се очекува да имаме лесна задача.
За жал синоќа дојде информацијата дека Енис Барди се уште е позитивен на ковид-19, но ќе почне со индивидуални тренинзи. Ќе има уште еден тест пред патувањето по што ќе се знае дали ќе замине со целата експедиција или подоцна ќе се приклучи.
Натпреварот меѓу Македонија и Казахстан се игра со почеток од 18 часот.