Ниту помошта од
повторените снимки која ја имаа судите на ова Светско првенство не помогна за
помалку контроверзии во финалето. Покрај пеналот со кој Франција се врати во водство, спорен е и фаулот врз Антоан Гризман по кој
падна првиот погодок, како и тоа што се чини дека Пол Погба беше во офсајд кога
Марио Манџукиќ си ја смести топката во сопствената мрежа.
За овој момент
свое мислење дадоа многу стручни коментатори, како и поранешни и сегашни
фудбалири, а во целата дискусија влезе и Икер Касиљас.
„Искрено не ја
разбирам употребата на ВАР, судијата досуди фаул над Гризман иако немаше
прекршок. Од таа акција паѓа гол и ништо не се случува“ – напиша легендата на
Шпанија и Реал Мадрид на Твитер.
Набрзо му се
„уфрли“ и Луис Суарез кој продолжи со критиките. Фудбалерот на Барселона
напиша: „Во право си Икер Касљас, плус и Пол Погба беше во офсајд кога се
вклучи во акцијата…“.
Можеби Пол Погба
не ја удри топката, но се активира со тоа што влегува во воздушен дуел
со Марио Манџукиќ и му ја отежнува работата на напаѓачот да расчисти. И додека ВАР не може
да се користи за обичен прекршок, Питана веројатно можеше на повторена снимка
убаво да ја прегледа инволвираноста на ѕвездата на Манчестер јунајтед.