Поранешниот
напаѓач на Интер и Рома, како и на селекцијата на Италија, контроверзниот
Антонио Касано говорејќи во „Тики Така“ околу неговите очекувања за новата
сезона во „Серија А“, вели дека Интер би можел оваа сезона да ја освои
титулата.
Касано не ги крие
своите симпатии кон новиот тренер на „Нероаѕурите“, а за долгогодишниот лидер
во Италија, Јувентус, вели дека ќе има тежок период покрај Интер како главен
претендент, според него, за Скудетото.
„Ми се допаѓа
начинот на кој работи Конте, убеден сум дека добро ќе си ја заврши својата
работа во тимот, ќе му даде еден тежок период на Јувентус и ќе го освои
Скудетото. Конте ви носи сигурни 15 бода повеќе во однос на претходно, тие исто
така учествуваа на трансфер пазарот и ќе имаат одлична сезона, Интер ќе го
освои Скудетото“ тврди Касано кој додаде дека има симпатии и кон Наполи.
„Ми се допаѓа и
Наполи, Лозано е доста опасен фудбалер, станува збор за одличен левак, премногу
ми се допаѓа неговата игра. Ми се допаѓа и Де Лихт, откако издвоија толку пари
за него, сега истото ќе сакаат да им се исплати, Игуаин веќе има 32 години и
постигна повеќе од 350 погодоци, тој нема 40 години, секогаш е стартер, секаде,
Дибала ќе мора да се однесува како напаѓач или ќе мора да си замине“ додаде
Италијанецот.
Првиот фаворит на Касано во битката за овосезонското Скудето во Италија новата сезона ја стартува токму вечерва со дуелот против Лече на домашен терен, што се однесува пак до останатите фаворити, Јувентус тргна со минимална победа кај Парма, а Наполи на Елиф Елмас славеше кај Фиорентина со 3-4, меч на кој дебитираше и младиот Македонец.