Фудбалерите на Шкендија денеска во Баку го играат реваншот од третото квалификациско коло во битката за плеј-оф во Лигата на шампионите против Карабах.
Тетовскиот клуб во натпреварот влегува со еден гол негатива од првиот натпревар во Скопје, но Карабах не покажа премногу, па избраниците на Јетон Беќири имаат право да се надеваат дека можат да дојдат до резултат кој би ги однел во следната фаза.
Шкендија веќе има загарантирани пет милиони евра со тоа што засега има најмалку учество во Конференциската лига, но плеј-оф за Лигата на шампионите би донел уште поголеми финансии за шампионот од ПМФЛ.
Според најавата на тренерот Беќии Шкендија денеска ќе игра повеќе напаѓачки.
„Карабах е многу силен и искусен тим, очекувам тежок натпревар. Ќе дадеме се од себе да постигнеме гол, загубивме во Скопје, па утре немаме што да изгубиме. Голот во Скопје го примивме по нереќна грешка и пенал, а имавме и свои шанси, иако Карабах сепак беше подобар. Во реваншот бидеме поагресивни и повеќе ќе напаѓаме. Исто така, Карабах имаше и еден ден повеќе одмор од нас, патувањата изморуваат, но верувам дека утре ќе имаме сила, па дури и ако се играат продолженија“, изјави Беќири пред новинарите.
Плеј-оф за Лигата на Шкендија би значел и сигурно учество во лигашкиот дел од Лигата на Европа каде што стигна (тогаш групна фаза) Вардар пред неколку години.
Во потенцијалниот плеј-оф, Шкендија би се соочила со Лудогорец или Ференцварош, а овие противници се потенцијални ривали за тетовскиот клуб и во плеј-офот за Лига Европа каде што би играле поразените.
Натпреварот во Баку денеска е во терминот од 18:00 часот.