22 годишниот перспективен фудбалер од средниот ред е високо на листата со желби на Интер, преговори се водат со месеци, но двата клуба не можеа да се договорат за висината на обесштетувањето.
За Никола Барела постои голем интерес, па Каљари постави цена од 50 милиони евра, а понудата на Интер беше 36 милиони плус додатни 4 милиони во бонуси.
Ова ја отвори вратата за другите клубови, Рома достави понуда која ги задоволува барањата на клубот од Сардинија, но самиот играч го одби предлогот на клубот од Рим.
Никола Барела е голем фан на „нероаѕурите“, сака само преселба во Милано, па Каљари и Интер направија напор да падне дил. Вечерва Скај Спорт Италија пренесе дека двата клуба се нашле на пола пат и си подале рака за зделка вредна 40 милиони евра плус додатни 5-6 милиони во бонуси.
Сега останува да се одреди уште формулата под која ќе се реализира трансферот. Се верува дека Каљари ќе прифати сумата да биде платен на рати односно зделката да се води како позајмица со обврска играчот во целост да биде откупен во иднина.