Фудбалската федерација на Италија отвори постапка откако синоќа беа уапсени ултрас навивачи на Интер и Милан, клубовите ризикуваат парична казна, а во најлошо сценарио и исфрлање од Серија А.
Италијанската полиција вчера спроведе акција во која беа уапсени 19 лица, помеѓу кои неколку членови на ултрас групите на Интер и Милан. Од нив, 16 завршија зад решетки, а три се во домашен притвор.
Тие се товарат дека имаат поврзаност со мафијашки семејства од Калабрија и сториле „сериозен криминал“ поврзан со фудбалскиот биснис.
Оваа акција следи по убиството на Антонио Белоко, еден од главните на ултрас навивачите на Интер, сомнежите велат дека убиството е поврзано со се поголемата соработка со мафијашките семејства и организираниот криминал кој се случувал на Сан Сиро преку членови на ултрас навивачите на Интер и Милан.
Обвинителството смета дека ултрас навивачите на Интер и Милан имале пакт за неагресивност и покрај тоа што се огромни ривали, со цел да го максимизираат профитот од нелегалните активности на Сан Сиро.
„Нивните активности биле само со цел да се стекне економска придобивка. Интересот за клубот е само фасада, Интер и Милан се оштетени страни“ – вели обвинителот Виола.
Ултрас навивачите ги притискале клубовите да добиваат повеќе билети, а подоцна истите ги препродавале во повисока цена и така се богателе. Имале и контрола над дистрибуција на одредени производи (вода, пијалок, храна и навивачки реквизити) како и одредени паркинг места.
По акцијата на полицијата и обвинителството, Фудбалската федерација на Италија веднаш отвори постапка и побарана е дел од документацијата, и ќе утврдува дали Интер и Милан знаеле што се случува и дали свесно помагале во активностите на ултрас навивачите.
Доколку се докаже вина, клубовите можат да добијат парична казна, а најлошото сценарио е исфрлање од Серија А.