Луд натпревар на Етихад по кој се радуваат гостите, Тотнем го елиминира Манчестер Сити од Лигата на шампионите!
По само четири минути игра со убав гол на Рахим Стерлинг, Манчестер Сити дојде во водство од 1-0, но тоа не траеше долго. Во седмата минута Сон изедначи на 1-1, а само три минути подоцна истиот фудбалер погоди за комплетен пресврт и водство на Тотнем од 2-1.
Но веќе во следниот напад нов гол, во 11. минута Бернардо Силва изедначува на 2-2, а десет минути подоцна уште еден погодок на Стерлинг и Манчестер Сити го враќа водството.
По 15 минути игра во второто полувреме, Агуеро дава гол со еден силен шут и Манчестер Сити поведува со 4-2, тоа е резултат кој ги носи во полуфиналето.
Во 73. минута по една нафрлена топка од корнер Љоренте се снајде најдобро во шеснаесетникот на Сити и даде гол за 4-3. Долго време се гледаше со ВАР дали погодокот беше даден со рака или колк, на крајот Чакир пресуди дека е погодок.
Манчестер Сити вршеше притисок до крајот на мечот, Стерлинг даде гол во 93. минута од натпреварот, домаќините се израдуваа, но ВАР го поништи погодокот поради офсајд од Агуеро.
На крајот Тотнем се радуваше, а ова беше еден од најлудите натпревари во Лигата на шампионите.
Ливерпул уште еднаш го победи Порто, овој пат на негов терен со убедливи 4-1 и со вкупни 6-1 оди во полуфиналето.
Мане, Салах, Фирмино и Ван Дајк беа стрелци на головите за Ливерпул, единствениот погодок за Порто во четвртфиналето беше дело на Милитао.
Во полуфиналето Тотнем ќе игра со Ајакс, а Ливерпул со Барселона.