Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа вели дека во соблекувалната на „кралевите“ не било разговарано дали ќе се поздрават со Џанлука Престијани доколку Аргентинецот настапи вечерва.
Во пресрет на реваншот помеѓу Реал Мадрид и Бенфика во Лигата на шампиони, главна тема е Џанлука Престијани, кој направи голем скандал на првиот натпревар минатата недела и беше обвинет дека на расна основа го навредил Винисиус Жуниор.
УЕФА во обид да избегне нови немили сцени на привремена основа го суспендираше Аргентинецот, но Бенфика ја обжали оваа одлука и фудбалерот отпатува во Мадрид.
На денешната средба со новинарите, Тибо Куртоа беше запрашан дали тие ќе одбијат да се поздрават со Џанлука Престијани, доколку фудбалерот се појави на теренот на „Бернабеу“.
„Во соблекувалната не сме разговарале на оваа тема, ќе видиме што ќе одлучиме како тим“ – вели голманот на Реал Мадрид.
Тој потоа додаде: „Ова е голем момент за фудбалот да стави крај на ваквите работи. Знаеме што ни кажа Вини… и ова веќе се случи во неколку наврати. Мора да им дојде крајот на ваквите работи. УЕФА мора да пресече…“
Запрашан дали е разочаран од коментарите на Жозе Мурињо, тој вели: „На крајот од денот, Мурињо е Мурињо. И како тренер, секогаш треба да го браните вашиот клуб. Единствена работа која ме разочара е тоа што ја користеше прославата на Вини како оправдување, а Вини не направи ништо лошо. Славеше како што и многу наши ривали славеле против нас. Кога ќе постигнете гол против Реал Мадрид… еуфоријата е два или три пати поголема. Но во никој случај не можете да оправдаде расизам со една прослава“.