Енцо Фернандез е на удар на јавноста откако Аргентина имаше скандалозно славје по триумфот на Копа Америка, но се бара одговорност и од другите репрезентативци на „гаучосите“.
Енцо Фернандез му отвори полни раце работа на Челси откако во живо на својот Инстаграм сподели како изгледа славјето на Аргентина по триумфот на Копа Америка.
Во автобусот на „гаучосите“ се пееше песна која беше хит помеѓу нивните навивачи на Светското првенство во 2022, и со која се навредуваат Французите, алудирајќи на африканското потекло на многу од фудбалерите во репрезентацијата.
Па играчот од средниот ред е на удар на јавноста, но се бара одговорност и од сите останати репрезентативци на Аргентина.
Многумина веднаш посочуваат на првата ѕвезда Лео Меси, и што правел тој како капитен на „гаучосите“.
Како што пренесува ЕСПН, Лео Меси не бил во автобусот, напаѓачот поради повредата на скочниот зглоб заработена во финалето, останал во Мајами на детални лекарски прегледи и одредување план за рехабилитација.
Медиумите од „островото“ исто така веднаш стапиле во контакт со Манчестер јунајтед и прашале каква ќе биде нивната реакција со оглед на тоа дека имаат двајца играчи во репрезентацијата на Аргентина – Лисандро Мартинез и Алехандро Гарначо.
„Ѓаволите“ во моментов се дистанцираат од случувањата, Алехандро Гарначо го нема на видеото, а нема и доволно докази дека Лисандро Мартинез бил дел од фудбалерите кои ја пееја навредливата песна.