Фудбалерот на Насионал, Хуан Искиердо синоќа починал во болница во Сао Пауло, дефанзивецот на репрезентацијата на Уругвај колабираше на терен минатата недела на натпревар во Копа Либертадорес.
Тажни вести пристигнуваат од Јужна Америка, Хуан Искиердо починал по пет дена поминати на интензивна нега во болница во Сао Пауло.
27 годишниот дефанзивецот минатата недела колабираше на терен на натпреварот помеѓу Сао Пауло и Насионал во Копа Либертадорес.
Откако доби прва помош на теренот, веднаш беше префрлен во болница, но срцевиот удар кој го доживеал предизвикал непоправлива штета на мозокот, и лекарите не можеле да ја спречат неговата прерана смрт.
„Со длабоко жалење и шок, Насионал потврдува дека почина нашиот драг фудбалер Хуан Искиердо. Изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство, пријателите, саканите и колегите. Сите во Насионал доживеаја ненадоместлива загуба“ – се вели во соопштението на уругвајскиот клуб.
Професионалната кариера на Хуан Искиердо почна во 2018 во локалниот клуб Серо. Следната година се пресели во Пењарол, каде не доби многу шанса, па направи трансфер во Монтевидео Вондерерс.
Дефанзивецот потпиша за Насионал во 2022, одигра еден натпревар за клубот и потоа беше испратен во локалниот Ливерпул, каде блесна, беше еден од најдобрите играчи и помогна во 2023 да стигнат до првата титула во првенството на Уругвај по повеќе од еден век.
Оваа година Хуан Искиердо се врати во Насионал со немера да се бори за место во првиот тим.