Јувентус планира летоска да ги продаде Душан Влаховиќ и Андреа Камбиасо, а доколку не обезбеди настап во Лигата на шампиони, ќе се откаже и од талентираниот Кенан Јилдиз.
Спортскиот директор на „старата дама“, Кристијано Џинтоли ги крои плановите за следната сезона, веќе има листа со желби, а за да може да ги реализира замислите, ќе бидат продадени Душан Влаховиќ и Андреа Камбиасо.
Како што пренесува Газета дело Спорт, доколку не биде обезбеден настап во Лигата на шампиони, на продажба ќе биде ставена и трета ѕвезда, талентираниот Кенан Јилдиз.
За услугите на младиот Турчин ќе се бараат помеѓу 80 и 90 милиони евра, сума која ќе биде капитална добивка со оглед на тоа дека Јувентус не плати ништо за неговиот ангажман.
Што се однесува до фудбалерите кои би пристигнале во Торино, се шпекулира со имињата на Давид Ханцко од Феенорд, Сандро Тонали од Њукасл, Виктор Осимен од Наполи, како и задржување на Рандал Коло Муани.