Најтрофејниот италијански тим Јувентус се доближи на еден бод од четвртопласираниот Комо откако попладнево на домашен терен ја совлада Џенова со 2-0.
Тоа е трет триумф за торинскиот тим во последните четири кола, а до крајот на сезоната остануваат уште седум круга во кои ќе биде исклучително интересно во борбата за четвртото место, кое води во Лигата на шампионите.
Двата гола беа постигнати во првото полувреме, поточно во воведните 17 минути. Бремер го отвори резултатот, а Мекени на асистенција на Консеисао стави точка. Во вториот дел Џенова имаше можност да се врати во игра и да го направи финишот поинтересен, но Мартин не успеа да погоди од белата точка, односно Ди Грегорио го одбрани неговиот удар.
Пред Јувентус е незгодно гостување кај Аталанта, но и на Комо нема да му биде лесно на домашен терен против лидерот Интер.