Дефанзивецот на Македонија, Јован Манев вели дека мотивацијата е на највиско ниво во пресрет на контролните натпревари против Хрватска и Чешка.
„Црвено-жолтите“ продолжуваат со подготовките за пријателските мечеви во јуни, кога најпрво ќе гостуваме во Хрватска, а седум дена подоцна и во Чешка.
„Среќен сум што сум заедно со соиграчите и стручниот штаб. Кога се игра против репрезентации како што се Хрватска или Чешка, селекции кои се подготвуваат за Европското првенство, мотивацијата е на највисоко ниво. Се надевам дека ќе бидат одлични тест натпревари за нас за предизвиците кои не очекуваат во септември. Кога се игра за репрезентација не постои штедење, фокусот е присутен постојано и кога сме на собир друга побитна работа нема. Сите тука сме со една цел, да постигнеме добар резултат“ – вели дефанзивецот Јован Манев.