Името на Јирген Клоп повторно се поврзува со враќање на тренерската работа, а шпанските медиуми сега тврдат дека неговата следна дестинација би можела да биде Атлетико Мадрид.
Германскиот стратег претходно се споменуваше како можен кандидат за клупата на Реал Мадрид, но според најновите информации токму градскиот ривал е клубот кој сериозно размислува да го ангажира. Планот на „јорганџиите“ е Клоп во иднина да го наследи Диего Симеоне.
Во меѓувреме се појавија и шпекулации дека Клоп би можел да ја напушти функцијата „глобален раководител на фудбалот“ во системот на Ред Бул, иако од таму брзо пристигна демант дека постои незадоволство од неговата работа.
Сепак, медиумите продолжуваат со тврдењата дека Германецот би можел повторно да се врати на тренерската клупа. Наводно, извршниот директор на компанијата „Apollo Global Management“, Марк Руан, кој е поврзан со новите сопственици на Атлетико, веќе неколку дена води разговори со Клоп.
Интересно е што во текот на кариерата Клоп често избирал клубови кои се ривали на најголемите гиганти. Во Германија ја водеше Борусија Дортмунд наместо Баерн Минхен, во Англија го избра Ливерпул пред клубови како Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, па не е исклучено следниот чекор да биде токму Атлетико наместо Реал.