Македонскиот
шампион Вардар со предност од 2-0 патува за реваншот во Истанбул
против турскиот гигант во битката за пласман по историски пласман во групите од Лига Европа, но ослабен за капитенот Грнчаров кој во финишот од средбата во Скопје заработи исклучување.
Вардарци на мечот
во Скопје од клупата беа предводени од Чедомир Јаневски, кој дојде на оваа
позиција по заминувањето на Гоце Седлоски, а новиот шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“
тактички одлично го водеше својот нов клуб на вечерашниот меч.
Фенербахче
доминираше во првите 45 минути игра во Скопје, но нашиот шампион делуваше
тактички мошне зрело поткован во сите делови од играта, па така ја искористи
единствената шанса во првиот дел.
Првата посериозна
шанса за погодок ја имаа гостите, меѓутоа имаше правовремена реакција на Демири
во 8. минута кој расчисти пред топката да стигне до Ќосе, кој беше во
извонредна позиција да погоди. Гостите дојдоа до нов обид, овој пат преку Шенер
во 16. минута а истиот тој биеше над голот на Вардар.
Фенербахче го
диктираше темпото на играта, ги имаше шансите, но нашиот претставник прв ја
затресе мрежата од голот.
Вардар поведе со
1-0 против Фенербахче во 20. минута со погодокот на Барсегјан, кој доби прилика
да настапи во шпицот на нападот на нашиот шампион за вечерашната прва пресметка
помеѓу обата клуба во плејоф рундата од квалификациите за Лига Европа, поради
трансферот на Балотели во Катар.
Потук имаше
одлична шанса да израмни, но неговиот удар во 35. минута беше одбранет на
фантастичен начин од вардаровиот голман Гачевски. Избраниците на Чедомир
Јаневски го задржаа водството до крајот на првите 45 минути игра, нашиот првак
игра мошне сконцентрирано на теренот и пред се’ зрело во тактичка смисла на зборот.
Почетната фаза од
второто полувреме не ветуваше многу за нашиот првак, како почна, така
Фенербахче и го продолжи мечот во вторите 45 минути игра, следеа неколку
мини-шанси но истите за среќа не беа до толку заканувачки по голот на Вардар.
Фенербахче ја
имаше првата посериозна шанса во вториот дел, но Валбуена биеше над пречката по
ударот од слободен удар во 75. минута. Вардар веднаш
потоа возврати а ударот на Барсегјан заврши непрецизно над голот.
Нашиот претставник не само што го задржа водството, туку до крајот на мечот во Скопје дојде и до предност од 2-0 со автоголот на Топал, па со водство од 2-0 патува на реваншот во Турција.
Меѓутоа, за реваншот во Турција нашиот првак ќе биде ослабен за капитенот Бобан Грнчаров, дефанзивецот кој заработи два жолти картони на вечерашната пресметка и по автоматизам доби исклучување на некоја минута пред крајот на средбата, по кратката расправија со Солдадо.
Од друга страна, Фенербахче за реваншот ќе биде ослабен за Бразилецот Соуза кој во самиот финиш заработи исклучување.
Вардар: Гачевски,
Грнчаров, Спировски, Блажевски (Глигоров 85′), Којашевиќ (Џигаури 67’), Барсегјан, Хамбарѕумјан, Николов, Новак, Демири (Брдаровски 46’) и Фелипе (4-2-3-1).
Мечот во Скопје го судеше Италијанецот Лука Банти, реваншот во Истанбул е предвиден да се одигра идниот четврток.
Фото: Кочо Сотировски (24фудбал)