Вардар утре (четврток) го игра третиот натпревар во Лига Европа, македонскиот шампион е домаќин на Реал Сосиедад и ќе се обиде да го освои првиот европски бод.
„Реал Сосиедад е тим кој доаѓа од едно од најсилните првенства, има тим за секоја почит. Тие и Зенит се главни фаворити за првите две места во групата. Имаат победа и пораз, па сигурно утре ќе сакаат да освојат нови три бода. Нашата форма е во нагорна линија, тоа го покажавме и против Розенборг, по триумфот со Шкендија видов дека имаме самодоверба и подготвени сме да ги освоиме првите бодови во групата“ – вели Чеде Јаневски.
„Добро го анализиравме противникот, гледавме натпревари и од Примера и од Лига Европа, мора да бидеме максимално фокусирани и дициплинирани доколку сакаме да ја оствариме целта и да дојдеме до трите бода. Тие се офанзивен тим кој игра со брзи додавања и оди на гол повеќе“.
За утрешниот натпревар Јаневски нема да може да смета на Муслиу, Брдаровски и Велковски кои се повредени.
Натпреварот помеѓу Вардар и Реал Сосиедад започнува од 19 часот.