Вардар забележа нов убедлив пораз пред своја публика во
Лига Европа, овој пат од Реал Сосиедад со 0-6 во третото коло од групата „Л“.
Големо разочарување кај македонскиот шампион, а тоа се покажа и на пресконференцијата по крајот на мечот, каде Чедомир Јаневски ја презеде одговорноста за убедливиот пораз.
„Ова беше навистина тежок пораз, како за мене, така и за
фудбалерите, а воедно и општо за клубот. Се обидовме да го смениме текот на
играта по раното водство на гостите, не успеавме а тие фатија залет, се
разиграа и покажаа класа. Се извинувам, јас сум виновен за овој дебакл,
навистина ми е жал и се извинувам за овој тежок пораз“ истакна Јаневски на
пресконференцијата по мечот.
Македонскиот претставник токму против Реал Сосиедад, овој
пат на гостински терен на 2 ноември во четвртото коло ќе се бори за први бодови
во дебитантската сезона од второто по ранг европско клупско натпреварување.