Македонскиот второлигаш Вардар Неготино промовира три нови имиња за втората полусезона во ВМФЛ, откако ги претстави Кристијан Ѓорѓиевски, Глигор Шиков и Матеј Јаневски.
Засилување на голманската позиција е Ѓорѓиевски кој настапуваше за Кожуф, а во минатото беше дел од Брегалница и неколку германски клубови.
Останатите две засилувања се за дефанзивниот дел. Шиков е стопер кој доаѓа од редовите на Тиквеш, а досега играше на позајмица во Детонит. Исто така има настапи за Борец и Победа.
Засилување за левата бековска позиција е Матеј Јаневски. Младиот бек кој има преку 40 настапи за младинските репрезентации на Македонија доаѓа во Вардар Неготино по настапите за Еуромилк Горно Лисиче. Инаку потекнува од Работнички, а има играно за Борец и Тетекс.