Јаневски доби незгодно прашање за Попов: Јас не го вратив него во Вардар… (ВИДЕО)

by
3 минути читање

Стратегот од клупата на македонскиот првак Вардар, а
воедно и поранешен селектор, Чедомир Јаневски говореше во интервју за најновото
издание на емисијата „Куќа на фудбалот“, а во него во еден момент доби едно
интересно и мошне сензибилно прашање поврзано со Горан Попов.

Јаневски го предводеше нашиот национален тим во
квалификациите за СП 2014 кое се одржа во Бразил, а во групата „А“ нашата
селекција имаше мошне силни противници како Белгија, Хрватска, Србија, Шкотска
и Велс, а играше убав и допадлив фудбал, забележувајќи две победи, домашни над
Велс и Србија, а ремизираше против Шкотска на гостински терен.

Сепак, Јаневски на изненадување на целата македонска
фудбалска јавност го напушти селекторското столче веднаш по домашниот пораз од
Шкотска, а неговото место за момент го презеде тогашниот в.д. селектор Зоран
Стратев кој нанижа два порази.

Токму во тој квалификациски циклус се случи еден од
поголемите скандали во нашиот репрезентативен табор, Јаневски ги отстрани
Стевица Ристиќ и Горан Попов од националниот состав пред мечот со Србија во
Скопје каде славевме со 1-0, чаршијата на големо шпекулираше за причините, но
тие до ден денес официјално не беа презентирани за јавноста.

Она што е интересно, Горан Попов пред извесен период се
врати во редовите на Вардар, откако поради административни компликации не беше
во можност да потпише за кипарска Докса, па соработката со дефанзивецот се „реобнови“
на големо изненадување во нашата јавност, која се прашуваше како ли сега тие
двајца ќе функционираат во македонскиот првак.

Јаневски беше запрашан за ситуацијата со Попов и Вардар,
но тој се правдаше дека немал никаква улога во таа одлука. Познато е дека Попов и Вардар ја „реобновија“ соработката на големо инсистирање на сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, а претходно, изминатово лето обете страни одлучија спогодбено да се разделат на шест месеци пред неговото истекување, но неуспешната преселба на Кипар, значеше и враќање во црвено-црниот табор.

Горан Попов, пред се, морам да разјаснам, не сум го вратил,
тој не ни заминал од Вардар во периодот кога јас потпишав со клубот, што значи
дека Горан Попов имал важечки договор и тој во тие моменти барал прилика да во
ситуација ако најде клуб да може да си замине, во тој случај не најде клуб,
имаше важечки договор и остана во клубот. Попов е дел од составот на Вардар, ќе
биде истретиран како и сите други фудбалери во тимот, како и сите така и за
него ќе важи правилото, колку ќе заслужи, толку ќе игра
“ истакна Јаневски на
гостувањето во „Куќа на фудбалот“.

Сепак, останува дилемата за тоа колку Јаневски бил
исконсултиран во однос на реобновување на соработката со Попов од страна на
Вардар.

(За прашањето со Горан Попов погледнете на 18,30)

 

Извор: ffm.mk

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани