Манчестер Сити во вторник ќе се обиде да направи вистинско чудо и да ја надомести негативата од 3-0 против Реал Мадрид во реваншот од Лигата на шампионите.
По тешкиот пораз во Мадрид, тренерот Пеп Гвардиола се одлучи за невообичаен потег во обид да ја разбуди својата екипа. Наместо класична подготовка пред натпреварот, шпанскиот стратег им го откажа тренингот на фудбалерите во понеделник и им даде слободен ден.
Гвардиола им порача на играчите времето да го поминат со семејството и пријателите, со цел психолошки да се релаксираат и со повеќе позитивна енергија да влезат во големиот предизвик против „кралскиот клуб“.
„Граѓаните“ минатата недела доживеаја тежок удар со поразот од Реал Мадрид, а проблемите продолжија и во Премиер лигата каде ремизираа со Вест Хем. По тој кикс Сити заостанува девет бода зад лидерот Арсенал.
Така, тимот на Гвардиола се најде во ситуација во краток период да ја доведе во прашање и битката за трофејот во Лигата на шампионите и трката за титулата во Премиер лигата, па каталонскиот тренер се надева дека поинаквиот пристап ќе донесе реакција од неговите фудбалери.