Фудбалскиот Суперкуп на Италија и оваа зима ќе се игра во Саудиска Арабија, а официјално е потврдено дека турнирот ќе се одржи во Ријад од 18 до 22 декември.
Ова ќе биде шести пат трофејот да се додели на арапско тло, а станува збор за 38-то издание на Суперкупот кој од 2023 година се игра во нов формат со четири екипи, па играат шампионот и вицешампионот од Серија А, како и победникот и финалистот на Купот на Италија.
Право на настап оваа година стекнаа Наполи како актуелен првак, Интер како вицешампион, Болоња како освојувач на Купот и Милан како финалист. Последните четири изданија ги освоија миланските гиганти: Интер беше доминантен од 2021 до 2023 година, а минатата сезона титулата ја подигна Милан.
Ждрепката донесе вистински дерби во првото полуфинале во кое на 18 декември ќе се соочат Наполи и Милан, додека ден подоцна силите ќе ги одмерат Болоња и Интер. Големото финале е закажано за 22 декември.