Италијанската Серија А е на чекор да остане без ниту еден претставник во осминафиналето на Лигата на шампионите. По првите плејоф пресметки, Интер, Јувентус и Аталанта имаат негатива и ќе мораат да бркаат резултат во реваншите.
Дополнително загрижува и фактот што ниту еден италијански клуб не обезбеди директен пласман меѓу најдобрите 16, бидејќи Наполи беше елиминиран уште во групната фаза.
Реваншите се играат на италијанска почва, што остава простор за надеж. Најреални шанси, барем според прикажаното, му се даваат на Интер, кој ќе се обиде да ја надополни негативата од 3:1 против норвешкиот Бодо/Глимт. Јувентус ќе бара чудо против турскиот Галатасарај по тешкиот пораз од 5:2, додека Аталанта ќе се обиде да ја анулира предноста на германската Борусија Дортмунд од 2:0.
За разлика од италијанскиот пад, германските клубови имаа одлична недела. Борусија ја совлада Аталанта со 2:0, а Баер Леверкузен славеше против Олимпијакос со идентичен резултат. Баерн Минхен веќе претходно си обезбеди место во осминафиналето.
Со новите бодови на ранг-листата на УЕФА за национални коефициенти, германското првенство го мина португалското и сега се наоѓа на второто место, зад убедливата Англија. Токму овие две позиции носат дополнително место во Лигата на шампионите за следната сезона.
Во трката за второто бонус-место од самиот старт беа Германија, Шпанија и Италија, па триумфот на Борусија над Аталанта имаше повеќекратно значење. Шпанците, пак, се соочуваат со специфичен хендикеп, нивните освоени бодови се делат на осум клуба, колку што имаа на стартот од сезоната, што дополнително ја олеснува позицијата на Бундеслигата во битката за петти претставник во најелитното европско натпреварување.