Тензиите пред бараж-дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Италија дополнително се засилија по инцидентот на тренингот во Бутмир. Иако ситуацијата се случи в неделата, информацијата протече дури ден подоцна.
Имено, италијански војник припадник на ЕУФОР бил затекнат како со мобилен телефон го снима тренингот на селекцијата предводена од Сергеј Барбарез, и тоа по истекот на дозволените 15 минути за присуство на јавноста.
Членови на стручниот штаб и обезбедувањето веднаш реагирале и го прекинале снимањето, по што Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина испрати официјална жалба до ЕУФОР.
Овој потег босанската фудбалска јавност го толкува како обид да се дојде до информации за тактиката и составот, особено ако се знае колку е значаен натпреварот за „аѕурите“, предводени од Џенаро Гатузо, кои ризикуваат нов неуспех и трето последователно отсуство од Мундијал.