Џенаро Гатузо и официјално е нов селектор на Италија – легендарниот борец од средниот ред доби шанса од соништата и предизвик кој досега не го почувствувал во својата тренерска кариера.
Иако често менуваше клубови и ретко остануваше подолго на една клупа, Гатузо сега има задача да го врати сјајот на „аѕурите“ и конечно да ја одведе селекцијата на Светско првенство, нешто што Италија не успеа да го направи два мундијала по ред.
„Ова е исполнување на мојот сон. Свесен сум што ме чека, нема да биде лесно, ама ништо вредно не се добива така. Работата е најважна, не зборовите. Италија мора да се врати на вистинскиот пат“, порача Гатузо на официјалната промоција.
Новиот селектор проговори и за генерацијата што ја презема.
„Слушам дека Италија нема талент – не се согласувам. Имаме фудбалери, ама мора да им се овозможи простор и вистински услови. Факт е дека 68% од фудбалерите во Серија А се странци. Тоа е аларм. Мора да ги туркаме младите. Кога работев во Хајдук, давав шанса и на деца родени во 2007 година. Имаме играчи кои се меѓу најдобрите на светот на своите позиции, ама само со колектив ќе дојдеме до резултати“, вели Гатузо.
Дебито на клупата на Италија ќе го има на 5 септември против Естонија. По првите две кола од мундијалските квалификации, „аѕурите“ имаат три бода и се трети во својата група.