Максимилијан Ибрахимовиќ, синот на легендарниот Златан, направи нов чекор во својата кариера и го напушти Милан. Тој потпиша договор со Ајакс, клуб во кој и неговиот татко го направи првиот голем трансфер во кариерата.
Младиот фудбалер, роден во 2006 година, настапува како лево крило или полушпиц. Своите први фудбалски чекори ги направи во шведскиот Хамарби, а во 2023 година се пресели во Милан, каде што беше дел од младинската академија и се развиваше во изминатите две сезони.
Во Амстердам веруваат дека Максимилијан Ибрахимовиќ има потенцијал да изгради сериозна кариера и барем делумно да ја следи патеката на својот славен татко.
Златан Ибрахимовиќ го носеше дресот на Ајакс во периодот од 2001 до 2004 година, откако пристигна од Малме за 7,8 милиони евра, трансфер кој му ја отвори вратата кон европската фудбалска елита.