Ирак има барање до ФИФА – сака одложување на мундијалскиот бараж!

by Стефан
1 минути читање

Селекторот на фудбалската репрезентација на Ирак, Грехам Арнолд побара од ФИФА да го одложи одлучувачкиот натпревар од плејофот за пласман на Светското првенство, поради ескалацијата на американско-израелскиот конфликт со Иран.

Ирак треба да игра во плејофот против Боливија или Суринам во мексиканскиот град Монтереј на 31 март, а победникот од тој дуел ќе избори место на овогодинешниот Мундијал, кој ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни.

Со оглед дека воздушниот простор во Ирак е затворен до 1 април поради ескалацијата на конфликто во оваа земја стравуваат дека нема да можат навреме да ги пренесат играчите и стручниот штаб во Мексико. Дополнителен проблем е што играчите не успеале да обезбедат визи поради затворањето на странските амбасади, додека Арнолд во моментов се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати.

„Ве молиме помогнете ни околу овој натпревар, бидејќи во моментов се бориме да ги извлечеме нашите играчи од Ирак“, изјави Арнолд.

Тој нагласи дека составување тим само од фудбалери кои настапуваат во странство значително би ги намалило шансите на Ирак да се пласира на своето прво Светско првенство од 1986 година.

„Тоа нема да биде нашиот најдобар тим, а нам ни е потребен најдобриот состав за најголемиот натпревар за оваа земја во последните 40 години“, истакна селекторот.

Арнолд предложи Боливија и Суринам сепак да го одиграат својот натпревар на 26 март, но дуелот на неговата селекција со победникот од тој меч да се одложи до една недела пред почетокот на Светското првенство.

„Според мое мислење, ако ФИФА го одложи натпреварот, тоа ќе ни даде време правилно да се подготвиме“, рече Арнолд.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×