Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е презадоволен од играта на своите фудбалери на Алијанц арена каде нероазурите го победија големиот Баерн Минхен со 2-1.
Интер во Милано се врати со голем триумф, но рано е да се каже дека работата е завршена. Тоа го знае и Симоне Инзаги.
„Знам дека треба да се заблагодарам на овие момци кои дадоа се од себе на овој натпревар“, вели Инзаги.
„Имавме некои отсуства, но благодарение на сите не дозволивме тоа да се почувствува“.
„Кога ќе слушнам за измени, тоа ме фрустрира, бидејќи целиот состав на Интер е заслужен, сите фудбалери ни помогнаа да дојдеме до април и да се бориме на сите фронтови“.
„Не би било фер да издвојувам некои посебни играчи вечерва. Лаутаро и Барела беа одлично, но исто така и сите други. Фратези влезе и одигра онака како што видовте, по неколкуте дена кои не беа лесни за него“.
„Отсекогаш велам дека сум имал среќа да најдам ваква група на момци како оваа кои се многу приврзани со дресот на Интер и даваат се од себе и покрај потешкотиите“.
„Овој тим притиска над своите граници. Одигравме 47 меча, но фудбалерите не чувствуваат замор, тие работат“.
„Среќни сме за тоа како одигравме и според мене не треба да се фокусираме на резултатот, туку на начинот како одигравме против голем противник кој игра многу добро технички. Но, овие перформанси мора да ги повториме за осум дена“.
„Сите ги знаеме бројките на Баерн. Тие немаа загубено дома во Лигата на шампионите од 2021, но имаме уште еден чекор за да стигнеме до полуфиналето“.