22 годишниот Николо Барела е четвртото засилување за Антонио Конте ова лето, перспективниот Италијанец вчера ги помина редовните лекарски прегледи и се обврза кон Интер до 2024 година.
„Николо Барела официјално е играч на Интер. Фудбалерот од средниот ред пристигнува од Каљари на едногодишна позајмица, со обврска во целост да биде купен по крајот на овој период. Италијанецот стави потпис на петгодишен договор“ – се вели во соопштението на „нероаѕурите“.
Детали од зделката не беа откриени, а медиумите пишуваат дека Интер може да плати и до 50 милиони евра. За позајмица ќе бидат одвоени 12 милиони евра, а следното лето нови 25 милиони евра за престојот на фудбалерот во Милано да стане перманентен.
Каљари ќе треба да добие и уште 13 милиони евра во бонуси. Се верува дека од оваа сума, 8 милиони евра се лесно остварливи со што на клубот од Сардинија практично му се загарантирани 45 милиони евра. Останатите 5 милиони од бонусите се малку потешки и зависат од освојување на трофеи.