Интер и Милан имаат нова сезона за заборав, и фановите можат само да се надеваат дека во иднина, под водство на новите сопственици од Кина, работите ќе тргнат на подобро.
Двата гиганти од Милано се во очајна форма а за тоа доволно говори и фактот дека екипата на Кротоне, која е во зоната за испаѓање и грчевито се бори за опстанок, има повеќе бодови од Интер и Милан во последните 10 кола.
„Нероаѕурите” имаат четири порази во низа и само 8 бодови на последните 10 натпревари, па не само што го загубија чекорот со ривалите за топ три пласман и место во Лигата на шампионите, Интер е далеку и од позициите кои водат во Лига Европа.
Милан е малку подобар од својот градски ривал, „Росонерите” имаат 13 бода во последните 10 натпревари, и се уште се во битка за местата кои водат во второто по ранг европско натпреварување.
За разлика од нив, екипата на Кротоне освои дури 18 бода на последните 10 натпревари и се врати во живот во битката за опстанок, на две кола до крајот има бод помалку од Емполи и два од Џенова.
Кротоне во оваа одлична серија дури успеа да слави над Интер со 2-1, и да ремизира 1-1 со Милан.