Фудбалерите на Интер рутински стигнаа до убедлива победа на гостувањето кај Сасуоло, триумфирајќи со високи 5-0 во меч кој послужи како увертира пред големото дерби со Јувентус во следното коло.
„Нераѕурите“ ја најавија победата уште во првиот дел – Бисек го отвори резултатот во 11. минута, а Маркус Турам во 28. минута ја удвои предноста на миланскиот клуб.
Интер не застана тука и во второто полувреме продолжи во ист ритам. За само четири минути, во 50. и 54. минута, Лаутаро Мартинез и Аканџи ја зголемија предноста на убедливи 4-0, додека точка на натпреварот во самата завршница стави Луис Енрике за конечни 5-0.
Дополнителна причина за задоволство кај навивачите на Интер е фактот што сите пет погодоци беа дело на пет различни стрелци, што ја потврдува одличната ефикасност и широчината на тимот.