„Кралевите“ вчера на големо го промовираа тренингот под водство на фитнес гуруто Антонио Пинтус, но навивачите сметаат дека ова е само обичен ПР, проблемите се многу поголеми.
По отказот на Чаби Алонсо, со Алваро Арбелоа на клупата се врати и Антонио Пинтус.
Италијанецот, кој важи за фитнес гуру, беше клучен дел од успесите на Реал Мадрид под водство на Зинедин Зидан и Карло Анчелоти, но падна во втор план по пристигнувањето на Чаби Алонсо.
Сега тој повторно е главен кога е во прашање физичката подготвеност, а „кралевите“ на големо го промовираа вчерашниот тренинг, на кој ѕвездите одработуваа различни вежби, носејќи маски кои мерат колку кислород се вдишува, и колку јаглерод диоксид се издишува.
Сепак, ова не помина добро кај навивачите, кои сметаат дека ова е само обичен ПР, проблемите се многу поголеми и се од тактичка и техничка природа, а не од физичка.
„По два дена одмор, играчите се заедно само час и половина. Состојбата на тимот бара нешто друго. Физичката подготвеност е важна, но им треба и тактичка подготовка за следниот натпревар, а денес тоа не беше можно“ – се вели во еден коментар.
Исто така се посочува дека физичката подготвеност на играчите под водство на Чаби Алонсо не била толку лоша како што некои сакаат да презентираат, и тимот не е ништо посвеж од претходно.
Исто така проблемот со повредите останува, па сметаат дека ефектот на Пинтус во моментов е минимален.
ФОТО: X/Real Madrid C.F.