Милански Интер сериозно е заинтересиран за ангажман на Морис Валинчиќ, еден од најважните фудбалери на Динамо Загреб оваа сезона, објави реномираниот италијански инсајдер Џанлука ди Марцио.
Според информациите од Италија, „нероаѕурите“ сакаат да го реализираат трансферот уште во јануарскиот преоден рок, но со план фудбалерот да остане на позајмица во Динамо до летото. Истото сценарио Интер претходно го примени и со Петар Сучиќ. Засега не е познато колкава сума е подготвен да понуди италијанскиот шампион, но интересот е конкретен и сериозен, што дополнително ја потврдува одличната форма на Валинчиќ во дресот на хрватскиот гигант.
Десниот бек пристигна на „Максимир“ летово од Истра 1961 во трансфер вреден околу 1,3 милиони евра и веднаш се наметна како полн погодок на спортскиот сектор на Динамо. За кратко време избори место во стартниот состав и прерасна во еден од клучните играчи на екипата.
Доколку Интер реши да тргне во конкретна офанзива, Динамо би можел да се соочи со тешка задача да го задржи еден од своите најстандардни фудбалери, иако планот со негово задржување до лето би бил компромис прифатлив за сите страни.