Мауро Икарди би можел повторно да се врати на Апенините, откако се појавија најави дека во јануарскиот преоден рок ќе стави крај на авантурата во Турција, пренесуваат италијанските и турските медиуми.
Аргентинскиот напаѓач, кој најдлабока трага во Италија остави со дресот на Интер, наводно веќе воспоставил контакти со неколку клубови од Серија А. Во игра се Милан, Рома и Комо, кои внимателно ја следат ситуацијата околу неговата иднина.
Ова е четврта сезона на Икарди во Галатасарај, период во кој беше еден од клучните фудбалери и реализираше 69 голови со 22 асистенции. Но, доаѓањето на Осимен, а подоцна и на Сане, значително ја променија неговата улога во тимот, при што Аргентинецот постепено го загуби статусот на прв избор во нападот.
Иако сезонава запиша осум погодоци на 21 настап, Икарди само шест пати стартуваше од првата минута, што дополнително ги засили шпекулациите за разделба. Со оглед на тоа што неговиот договор истекува на крајот од сезоната, јануари се наметнува како логичен момент за трансфер и нов предизвик.