Златан Ибрахимовиќ вели дека Милан нема намера да ги продаде Тео Ернандез, Мајк Мењан и Рафаел Леао, целта е да дополнително да се засили составот.
Златан Ибрахимовиќ попладнево се појави пред новинарите и говореше за плановите на Милан за новата сезона.
Една од темите беше настапот на трансфер пазарот и дали „росонерите“ ќе жртвуваат некоја ѕвезда.
„Тео и Мењан ќе останат, исто како и Леао. Тие се помеѓу најдобрите играчи на своите позиции и имаат договори со нас, тие се среќни“ – вели Швеѓанецот, кој сега е дел од раководството на Милан.
„Нема потреба да продаваме, напротив, благодарејќи на напорната работа на „РедБрд“ можеме да донесеме квалитетни фудбалери и да се подобриме“.
Една од целите ова лето е нов напаѓач, и изборот падна на Џошуа Зиркзе од Болоња.
„Не е тајна дека по заминувањето на Жиру, потребна ни е нова 9-ка. Јовиќ е тука, но сакаме да ангажираме нов напаѓач. Зиркзе е квалитетен фудбалер, имаше одлична сезона“.
„Доаѓа од Холандија, дали е новиот Ибра или не… има голема разлика помеѓу реалноста и тоа што се кажува и пишува“.