Фудбалерите на Шкупи славеа со 3-1 против Пелистер во Првата македонска фудбалска лига.
Херој на чаирчани беше Џемал Ибиши со два гола во мрежата на битолчани. Младиот напаѓач на Шкупи во два наврати го матира голманот на гостите Јовчевски, а потоа коментираше за одиграното.
„Првото полувреме против Пелистер беше потешко. Имавме доста нереализирани шанси, а по првиот гол беше многу полесно и потоа одигравме доминантни во второто полувреме. Најважно е тимот да победува. Јас имав среќа да постигнам не еден, туку два гола. Се надевам дека победничката серија ќе продолжи. Сега ни следи тешко гостување против Тиквеш во среда, нема да биде лесно во Кавадарци. Овој натпревар доаѓа три дена по овој, се надевам ќе се рехабилитираме навремено“, изјави Ибиши.
Сезонава Ибиши има пет гола во дресот на Шкупи на вкупно 19 одиграни натпревари, на кои забележа и три асистенции.