Езгјан Алиоски има сезона за паметење во швајцарскиот шампионат, со своите фантастични изданија е најзаслужен за тоа што неговиот тим Лугано одлично котира во најсилната конкуренција во Швајцарија и му се насмевнува излез во Европа следната сезона.
Претходно пренесовме за интересот од страна на Борусија Дортмунд, која во нашиот фудбалер гледа идеален наследник на Обамејанг, кој се поизвесно е дека ќе го напушти тимот. Освен од Борусија Дортмунд, швајцарските медиуми денес пренесоа дека постои интерес и од Хофенхајм.
Интересот се зголемува за нашиот репрезентативец, клубовите ги има во се поголем број, па така швајцарскиот весник „Блик“ пренесува дека во редот за нашиот фудбалер се уште два бундеслигаши, Баер Леверкузен и Ајнтрахт Франкфурт.
Освен тоа, најновите информации кои ги пренесува швајцарскиот весник се дека во трката за Алиоски се вклучил минатогодишниот шампион во најсилното фудбалско првенство во светот, премиерлигашот Лестер.
Алиоски има договор со Лугано кој трае до јуни наредната година, на трансфер пазарот има вредност од 2 милиони евра, но прволигашот од Швајцарија за него бара околу 10 милиони евра како обештетување.
Доколку се сумира, се поизвесно е дека нашиот фудбалер кој игра во одлична форма, наредната сезона ќе игра во Бундеслигата, со оглед на големиот интерес од таму, но вреди да се напомене дека Алиоски има двојно државјанство, швајцарско и македонско, така да нема да има никакви компликации околу евентуален трансфер во Англија.