Катар за да ги направи стадионите за Светското првенство ја користеше силата на мигрантите, но често се пишуваше за нечовечките услови во кои работеа тие, а епилогот е илијадници загинати за време на градежните работи.
Многумина повикуваа и да се бојкотира Светското првенство, но тоа нема да се случи. Сепак некои наоѓаат начин да го искажат својот бунт кон организаторот.
Таков е примерот со Хумел и данската репрезентација.
Данската репрезентација на СП во Катар ќе има црвен, бел и црн дрес. Заедничко за нив е што ќе доминира само основната боја, нема да се гледа ниту логото на Хумел, ниту грбот на Данска.
„Со новите дресови на данскиот национален тим, ние сакавме да испратиме двојна порака. Тие не се дизајнирани само како инспирација од ЕУРО 92 за да искажат почит кон најголемиот фудбалски успех на Данска, туку и се протест против Катар и нивниот однос кон човековите права. Затоа сите детали од новиот дрес на Данска се тонирани во иста боја вклучувајќи го и нашето лого и легендарните шари. Ние не сакаме да бидеме видливи за време на турнирот кој чинеше илијадници човечки животи. Ние го поддржуваме данскиот национален тим во целост, но не и Катар како домаќин на турнирот.
Ние веруваме дека спортот треба да ги спојува луѓето заедно. И кога тоа не се случува, ние сакаме да го покажеме тоа“, стои во соопштението на Хумел.