Хрватска оди по патот на генерацијата од 1998 година која беше првата која се пласираше во полуфинале на Светско првенство, тогаш во Франција. Момците на Златко Далиќ остварија тешка победа над жилавиот домаќин.
Хрватите беа поквалитетна селекција и тоа беше очигледно, но Русија одигра тактички одлично, беа дисциплинирани во текот на сите 120 минути и успеаја да дојдат до пеналите кои ги посакуваа, но во нив беа поразени.
Првиот половина час од мечот помина во не многу допадлива игра, а потоа се променија работите. Во 31. минута Денис Черишев испали една бомба од далечина, Субашиќ беше немоќен, Русија поведе со 1-0.
Но водството траеше само осум минути, во 39. минута Манџукиќ убаво центрираше до главата на Крмариќ кој реализираше за израмнување на 1-1.
По 15 минути игра во второто полувреме Перишиќ имаше фантастична шанса да даде гол, од идеална позиција ја погоди само стативата од голот на Акинфеев.
Резултатот остана непроменет во регуларните 90 минути, натпреварот отиде во продолженија, и двете екипи и во осминафиналето играа два пати по 15 минути, па беше видлива исцрпеноста кај фудбалерите.
Во 101. минута гол за Хрватска, Модриќ центрира, Домагој Вида најдобро се снајде во шеснаесетникот и постигна гол за водство од 2-1, но тоа не беше се.
На пет минути до крајот на продолженијата, Фернандез постигна гол со глава за израмнување на 2-2. Победникот требаше да се решава на пенали.
Смолов промаши во првиот шут за Русија, Брозовиќ реализираше, но веќе во втората резултатот беше израмнет, Акинфеев го одбрани ударот на Ковачиќ. Клучна беше третата серија во која човекот кој на Русите им ги донесе пеналите промаши, Фернандез биеше крај голот. Хрватска ги погоди сите пенали до крај, Модриќ, Вида и Ракитиќ реализираа за голема победа.
На крајот Хрватска заслужено се радуваше, два пати по ред победи на пенали и тоа можеби ќе се одрази на дуелот со Англија, но за нив сега е најважно што се меѓу четирите најдобри.
Русија може да биде задоволна од настапот на Мундијалот која таа го организираше, четвртфиналето е и повеќе од реална слика за можностите на оваа селекција.