Борусија Дортмунд не успеа да го скрши отпорот на Флуминенсе мечот од Светското клупско првенство заврши без голови, а по него интересна изјава даде тренерот на „милионерите“, Нико Ковач.
Хрватот не ја криеше фрустрацијата од условите на теренот, но призна дека ремито било фер резултат.
„Теренот беше фактор, тревата е поинаква од тоа што го имаме во Европа. Ми делуваше меко, не беше доволно сува, топката не се движеше како што сме навикнати“, изјави Ковач.
Тој додаде дека европските екипи често потценуваат ривали од други континенти, но реалноста е поинаква.
„Ние Европејците понекогаш мислиме дека само ние играме фудбал, ама свесни сме дека во Јужна Америка има сериозни клубови. Овој бод е минимумот што сакавме и го постигнавме“, заклучи стратегот на Дортмунд.
Во групата Ф, покрај Дортмунд и Флуминенсе, се и Мамелоди и Улсан.