Холандски клуб направи осум измени на еден натпревар

by Стефан
1 минути читање

Го Ахед Иглс испиша необична страница во холандскиот фудбал, откако во куп-дуелот искористи дури осум измени, а на крајот избори пласман во следната рунда по изведувањето пенали.

Необичниот расплет започна уште во првото полувреме, кога Јакоб Бреум поради повреда беше принуден предвреме да го напушти теренот. Во текот на регуларните 90 минути, стратегот Мелвин Бојл направи уште четири стандардни замени, со што беше достигнат дозволениот максимум од пет измени.

Сепак, клучна улога во целата ситуација одигра таканаречената „бела замена“, посебно правило поврзано со повреди на глава. Овој тип измена не се смета во редовниот лимит од пет замени, а дополнително и противничката екипа добива право да направи уште една измена.

Токму тоа се случи на овој натпревар, кога Оскар Сивертсен од редовите на Го Ахед Иглс влезе во силен дуел со дефанзивец на Рода, при што двајцата фудбалери се здобија со повреди на главата. Иако првично продолжија со игра, подоцна во различни моменти беа заменети, па двете екипи одделно ја активираа „белата замена“.

На сето тоа се надоврза и правилото што дозволува дополнителна измена во продолженијата, со што Го Ахед Иглс дојде до вкупно осум замени.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×