Манчестер сити обезбеди директен пласман меѓу осумте најдобри екипи во Лигата на шампионите благодарение на неверојатната драма во Лисабон, каде што голот на голманот на Бенфика во судиското продолжение против Реал Мадрид му го отвори патот на англискиот шампион кон нокаут-фазата. По ваквиот расплет, тренерот на Сити, Пеп Гвардиола откри дека разговарал со Мурињо.
Екипата на Сити на „Етихад“ ја заврши својата работа со сигурна победа од 2-0 над Галатасарај, а стрелци беа Ерлинг Халанд и Рајан Черки. Сепак, нивниот директен пласман во осминафиналето зависеше од исходот во Лисабон, бидејќи им беше потребен кикс на Реал Мадрид што на крајот се случи.
Гвардиола откри дека со фудбалерите го следел расплетот во соблекувалната и дека првично не можел да сфати зошто Мурињо го испратил Трубин во напад. На прашањето дали го контактирал португалскиот стратег за да му се заблагодари, Шпанецот одговори:
„Да, секако. Сите бевме во соблекувалната и не знаевме дека и на Бенфика ѝ е потребен гол за пласман“.
„Кога нивниот голман тргна напред, се прашувавме: ‘Зошто оди?’, но за Жозе тоа беше вистинска стратегија. Да се заврши меѓу осумте најдобри, со оглед на тоа во што се претвори Лигата на шампионите, е навистина тешко против секој противник. Затоа сме многу задоволни и се надеваме дека во март ќе бидеме во најдобра форма“, додаде Гвардиола.