Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола вели дека главен проблем во моментов е тоа што има многу играчи кои не можат да играат на високо ниво секои три дена, и предупреди дека ќе ги продава ѕвездите кои се склони на повреди.
По поразот од Реал Мадрид и елиминацијата во Лигата на шампиони, почнаа да кружат гласини дека Манчестер Сити и Пеп Гвардиола летоска ќе прават чистка.
Тренерот на „граѓаните“ на денешната прес конференција меѓу редови порача дека фудбалерите кои се склони на повреди ќе бидат продадени.
„Ќе треба да седнеме со докторите, физиотерапевтите, играчите и агентите и јасно да кажеме дека одредени играчи не можат да играат на високо ниво на секои три дена. Ова е реалноста“ – вели Пеп Гвардиола.
„Има играчи кои не можат да играат на виско ниво секоја недела како што тоа го правеа во минатото. Ова ни е главниот проблем“.
„Јасно е дека имаат квалитет, но не можат да го прикажат тоа поради повреди или времето потребно за опоравување…“.
„Доколку во иднина сакаме да бидеме конкурентни, играчите мораат да бидат фит и да бидат на располагање. Имаме премногу повреди, а во денешно време противниците се побрзи и посилни, и не можеме да се справиме со нив онака како што сакаме“.
Медиумите шпекулираат со осум имиња како дел од ремонтот кои треба да се направи, сите од нив до септември месец ќе имаат 30+ години.