Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, по големата победа над Реал Мадрид во петтото коло од Лигата на шампионите, истакна дека е задоволен од играта, но и дека неговиот тим сè уште не е подготвен да ја освои оваа титула.
„Можевме да одиграме и подобро. На овој стадион е навистина тешко да се игра. Петмина или шестмина од нашите фудбалери првпат настапија тука. Мора да бидеме задоволни од победата, особено поради освоените бодови. Веќе имаме 13 и местото меѓу најдобрите осум е во наши раце. Целта е да обезбедиме пласман во топ 8“, изјави Гвардиола.
Реал прв дојде до водство, но Сити направи пресврт и славеше со 1:2.
„Го почнавме натпреварот со неколку грешки. Очекував Реал да изврши поголем пресинг, но тие се повлекоа длабоко, што ни ја отежна играта. Родриго, Винисиус, Белингем, тоа се врвни фудбалери. Нивната брзина е огромна закана и затоа не можете да останете само во напад, мора да помогнете и во одбраната“, додаде стратегот на „граѓаните“.
Гвардиола зборуваше и за формата на Ерлинг Халанд.
„Мора почесто да го вклучуваме во игра. Во последните натпревари го губевме, па мора да најдеме начин како повеќе да го користиме. Сè уште не сме подготвени да ја освоиме Лигата на шампионите. Далеку сме од тоа. Во февруари ќе бидеме во многу подобра состојба“, заклучи Гвардиола.